Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е неодговорно да се водат разговори за одржување избори во Украина за време на војна и повика на единство за да се избегнат бескорисни политички дискусии.
Зеленски рече дека е клучно да се фокусира вниманието на воените предизвици со кои се соочува земјата додека се обидува да ги потисне руските сили кои окупираа речиси една петтина од нејзината територија во целосна инвазија која започна пред повеќе од 20 месеци.
„Сите разбираме дека сега, во време на војна, кога има повеќе предизвици, е крајно неодговорно да се занимаваме со прашања поврзани со изборите на таков несериозен начин“, рече тој во своето вечерно видео обраќање.
„Треба да сфатиме дека сега е време за одбрана, време за битка, од која зависи судбината на земјата и нејзиниот народ. Мислам дека изборите во овој момент не се соодветни“, додаде Зеленски.
Согласно актуелната воена состојба во Украина, изборите се забранети, но Зеленски размислуваше дали да се повика на посебни одредби за да ги свика – промена на законот и странска помош за финансирање за нивно спроведување. Тој рече дека би сакал да се кандидира за втор мандат доколку има избори. (МИА)