Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека прашањето за обнова на нафтоводот Дружба, оштетен во руски напади, има не само техничка, туку и политичка димензија и дека верува оти не вреди да се поправа оштетениот нафтовод.
– Да бидам искрен, не би го обновил. Тоа е мојот став. Ова им го кажав на лидерите на Европа и на оние што ми се обратија за ова прашање, како и на раководството на Европската Унија. Бидејќи тоа е руска нафта. Постојат некои принципи што немаат цена. Русите нè убиваат, а ние мора да му дадеме нафта на (унгарскиот премиер Виктор) Орбан, бидејќи без оваа нафта тој не може да победи на изборите. Затоа, ова е мојот став – нагласи Зеленски на прес-конференција во Киев, пренесува Suspilne.
Според него, Украина не го блокира пристапот до објектот за претставниците на Европската комисија, но смета дека сопствената потврда за фактот на уништување е доволна.
Во врска со барањето на Унгарија и Словачка ЕУ да испрати независни експерти за да ја утврдат состојбата на нафтоводот, Зеленски нагласи дека Украина е независна земја и дава фактички информации за штетата на нафтоводот.
– Имаме независна земја, имаме нафтовод, Русија го уништи неколку пати, а имаше и повредени по второто уништување на нашиот нафтовод, а кога сакаа да нè проверат, ние јасно рековме дека имало уништување. Не мислам дека претставниците на ЕУ не ни веруваат. Мислам дека нашиот збор е доволен. Со текот на годините покажавме дека сме вистински партнери – рече Зеленски.
Зеленски изјави дека Украина чека официјално барање од Унгарија и земјите од ЕУ во врска со пристапот до оштетената инфраструктура на нафтоводот Дружба за инспекција и потсети дека ЕУ ја поврзува финансиската помош за Украина и доделувањето заем од 90 милијарди евра со обновата на нафтоводот.
Генералниот директор на украинската државна енергетска компанија „Нафтогас“, Сергеј Коретски, на брифингот рече дека ќе бидат потребни еден и пол месец за да се обезбеди технолошката способност на инфраструктурата на нафтоводот. Паралелно со тоа, додаде тој, „Нафтогас“ подготвува проектна и буџетска документација, во која се пресметува потребата од реставрација и изградба на алтернативен нафтовод.
Тој истакна дека клучната штета се случила на 27 јануари во областа на градот Броди, каде што е уништена главната пумпна станица, и дека реконструкцијата на инфраструктурата бара сеопфатен пристап.
– Ова е инфраструктура од големи размери: пумпни единици, компресори, кабелски носачи, контролни панели и електроника. На објектот му треба сеопфатна реставрација. Особено, мора да биде опремен резервоар за испуштање што го штити системот од прекумерен притисок, спречувајќи уништување на цевководите и еколошка катастрофа – рече Корецки и потсети дека на патот кон европска интеграција, прашањето за екологијата е фундаментално.
Според него, во европските земји, подготовката на проектот за реставрација би траела од три до шест месеци, само за проектот.
– Тука работите се во тек – рече Корецки, додавајќи дека е потребно да се спречи еколошка катастрофа во регионот Лавов за време на реставрацијата на нафтоводот и да се земе предвид заканата од Русија за време на поправките. Тој објасни дека по рускиот напад, Државната служба за вонредни ситуации на Украина направила сè што е можно за да спречи излевање на нафта од цевководот и оштетување на реката Штир и околната средина.
Нафтоводот Дружба е еден од најголемите системи за транспорт на руска нафта во Европа, а неговата работа има значително влијание врз снабдувањето на рафинериите во неколку земји од регионот. Снабдувањето преку јужниот крак на цевководот Дружба, кој поминува низ украинска територија, беше прекинато на 27 јануари откако руски напад ја оштети инфраструктурата и предизвика пожар на пумпна станица, според властите во Киев. Оттогаш, транспортот на руска нафта до рафинериите во Унгарија и Словачка е суспендиран додека се вршат проценки на штетите и поправки, објави Интерфакс.
Премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Орбан и Роберт Фицо, го обвинија Киев дека намерно го одложува обновувањето на транспортот на нафта преку Дружба од политички причини, додека Украина тврди дека поправките се технички сложени и се вршат под постојана закана од нови напади. Спорот дополнително ескалираше кога, како одговор, Будимпешта и Братислава ги прекинаа дел од снабдувањето со енергија за Украина, вклучувајќи дизел и итни испораки на електрична енергија, додека Унгарија се закани дека ќе ги блокира новите санкции на ЕУ против Русија сè додека не се врати транспортот на нафта.