Свет

Зеленски: Ќе одам во Давос само ако таму можат да се постигнат конкретни резултати

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека ќе оди на Светскиот економски форум во Давос само ако таму можат да се постигнат конкретни резултати.

Зеленски: Ќе одам во Давос само ако таму можат да се постигнат конкретни резултати

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека ќе оди на Светскиот економски форум во Давос само ако таму можат да се постигнат конкретни резултати.

Тој во вечерното видео-обраќање истакна дека сите украински владини претставници сега треба да работат на проблемите на Украина.

– Ракети за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, оружје е потребно секој ден, опрема за закрепнување, за резерва е потребна секој ден. Ако форумот во Давос даде реални резултати за Украина, Украина ќе биде застапена таму. Никому не му е потребна празна политика и разговори без резултати, истакна украинскиот лидер.

Тој додаде дека сите функционери, претставници на локалните власти и раководители на државните претпријатија, вклучувајќи ги и енергетските компании, мора да се занимаваат со ситуацијата во земјата.

Зеленски напомена дека шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Кирило Буданов, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров и шефот на парламентарната фракција „Слуга на народот“, Давид Арахамија, активно работат во Давос со американската страна, со европските претставници во врска со можните состаноци и пакети за поддршка.

Претседателот на Украина потсети дека само во Киев, од синоќа, повеќе од милион потрошувачи останале без струја, а значителен број домови се без греење – над 4.000 станбени згради.

Зеленски претходно рече дека моментално не планира да присуствува на Светскиот економски форум во Давос, кој почна во понеделникот, туку дека ќе остане во Украина поради масовното руско гранатирање. Како што наведе, подготвен е да оди таму ако одредени документи бидат подготвени за потпишување, вклучувајќи и состанок во врска со испораката на системи за противвоздушна одбрана.

To top