На состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, што ќе се одржи на 12 октомври во Рамштајн, Германија, Украина ќе претстави „план за победа“, кој предвидува чекори за завршување на војната со Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Се подготвуваме за Рамштајн на 12 октомври. Ова ќе биде 25-ти состанок, но прв на лидерско ниво. Ќе претставиме победнички план, јасни, конкретни чекори за праведен крај на војната. Одлучноста на земјите партнери и јакнењето на Украина е тоа што може да ја спречи руската агресија, рече Зеленски на Телеграм.
Тој додаде дека на состанокот во Рамштајн земјите-партнери од украинската страна ќе ги добијат „сите детали, сите аргументи како да се обезбедат резултати во наредните месеци и на фронтот и со дипломатска активност“, пренесе Укринформ.
Украинската агенција наведува дека со состанокот во Рамштајн, на 12 октомври, ќе претседава американскиот претседател Џозеф Бајден. (МИА)