Украинскиот претседател Володимир Зеленски гледа напредок по преговорите со претставниците на САД за мировен план за неговата земја, но рече дека остануваат голем број тешки прашања.
За време на прес-конференцијата со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин, тој истакна дека е познато оти Москва бара Украина да се откаже од територија, но Украина успеала да ја разјасни својата позиција пред американските преговарачи.
– Украина се слуша, рече Зеленски.
Тој ја негираше интерпретацијата дека САД извршиле притисок врз Украина да направи територијални отстапки во источниот регион Донбас. Американските претставници ѝ ја пренеле позицијата на Москва на украинската страна и сега ќе го претстават украинскиот став на руската страна, објасни Зеленски.
САД би можеле да предложат чекори кон консензус, рече Зеленски. Тој се надева дека американската администрација ќе продолжи со своето посредување.
– Што на крајот ќе произлезе во однос на териториите, ќе видиме., истакна украинскиот претседател.
Тој рече дека слушнале од американската страна дека се подготвени за безбедносни гаранции кои одговараат на Членот 5 од Повелбата на НАТО. Тоа не изгледа премногу лошо, рече тој, и е прв чекор. Прашањето, вели Зеленски, е како практично ќе се следи прекинот на огнот, само тогаш би можеле да се докажат безбедносните гаранции.
Членот 5 од Договорот на НАТО предвидува дека вооружен напад врз една или повеќе членки на НАТО во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите нив.
Во врска со безбедносните гаранции, американските функционери исто така зборуваа за напредок, иако сè уште не е јасно како би изгледала можната посветеност за помош. Москва одбива да се согласи на прекин на огнот додека не се постигне сеопфатно мировно решение. (МИА)