Свет

Зеленски: Американскиот пакет воена помош ќе ги покрие најитните потреби на Украина

Зеленски: Американскиот пакет воена помош ќе ги покрие најитните потреби на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден, Конгресот и американскиот народ за последниот пакет воена помош, овој пат вреден 250 милиони долари, и нагласи дека тој ќе ги покрие „најитните потреби на Украина“.

Зеленски на социјалната мрежа Х изјави дека дополнителните проектили и други компоненти за противвоздушната одбрана, противтенковското оружје, муниција, опрема за мини и друга опрема, што се дел од пакетот воена помош, ќе ги покријат најитните потреби на Украина.

„Американското лидерство во коалицијата од над 50 земји, кои обезбедуваат воена помош на Украина, е клучно за спротивставување на теророт и агресијата, не само во Украина, туку и во целиот свет“, напиша Зеленски.

Украинскиот претседател нагласи дека САД годинава обезбедиле 34 пакети воена помош во вредност од над 24 милијарди долари.

„Донесена е историска одлука да се обезбеди Украина со авиони Ф-16. Засекогаш ќе бидеме благодарни за сета оваа поддршка“, додаде Зеленски.

Тој заклучи дека за да се одбрани „слободата и безбедноста не само во Украина и Европа, туку и во САД“, Киев мора да продолжи да одговара на руските напади на „најсилен и најодлучен можен начин“.

To top