Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека ако се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, нема да води историски дебати, туку ќе разговара за брзо завршување на војната.
– Постои безбедносен проблем. Против нас се води голема војна. Тоа се нашите животи. Единственото за што сакам да разговарам со него, според моето мислење, е дека мораме успешно да го решиме ова. Мислам дека бргу ќе ја завршиме оваа војна. Затоа сакам да разговарам само за такви работи – наведе Зеленски во интервју со британскиот новинар Пирс Морган.
Зеленски нагласи дека не се потребни „сите тие историски приказни за да заврши војната и да се премине на дипломатија“.
– Не сум прочитал помалку историски книги од Путин. И научив многу. Знам повеќе за неговата земја отколку тој за Украина. Едноставно, затоа што сум бил во многу градови во Русија. И познавам многу луѓе таму. Тој никогаш не бил толку многу пати во Украина. Тој бил само во големи градови. Јас бев во мали градови. Од север до југ. Насекаде. Го знам нивниот менталитет. Затоа не сакам да губам време на сите овие работи – наведе Зеленски.