Новата американска помош за Украина нема кардинално да ја промени позицијата на Киев на бојното поле, пишува весникот „Волстрит џурнал“.
„Имајќи ја предвид тешката позиција на Украина на бојното поле и успесите што ги постигнаа руските војници во последните месеци, малку е веројатно дека новата помош кардинално ќе ја промени судбината на Киев“, пишува весникот.
Во написот се потсетува дека Украина се соочува со сериозен недостиг на луѓе, како и гранати.
Според весникот, новиот пакет помош од САД, во најдобар случај, би можел да и помогне на Украина да ги спречи руските напади и да ја „задржи територијата“ додека европските сојузници не бидат во можност да обезбедат поголема помош за земјата следната година.
Претставничкиот дом на САД синоќа го усвои предлог-законот со кој на Украина, Израел и американските сојузници во Индо-пацифичкиот регион им се обезбедуваат дополнителни финансиски средства во износ од вкупно 95 милијарди долари. За законот треба да се изјасни и американскиот Сенат.