Во Ријад е во тек нова средба меѓу претставниците на Украина и САД за прекин на огнот во војната Украина-Русија, изјави денеска извор од украинската делегација.
-Ние сè уште работиме со Американците, изјави изворот пред мала група новинари.
Средбата доаѓа по вчерашните долги разговори меѓу Американците и Русите за прекинот на огнот во Украина, исто така одржани во главниот град на Саудиска Арабија.
Претходно денеска извор од Белата куќа изјави дека преговорите предводени од САД во Саудиска Арабија со делегациите од Украина и Русија напредуваат добро и наскоро се очекува позитивно соопштение.
– Разговорите кои ги овозможија техничките тимови на администрацијата на Трамп во Ријад се одвиваат исклучително добро и сите вклучени страни работеа цел ден и ноќ. Очекуваме позитивно соопштение во блиска иднина, рекол изворот, пренесуваат светските агенции.
Украинците и Американците пред два дена започнаа нови разговори во Саудиска Арабија со цел делумен прекин на огнот во украинско-руската војна, пред руско-американските преговори одржани вчера. Беше најавено и дека Украинците повторно ќе се сретнат со Американците по американските разговори со Русите.
Еден од руските преговарачи Григориј Карасин денеска изјави дека вчерашните разговори меѓу руската и американската делегација за евентуален прекин на огнот во Украина биле корисни.
-Разговаравме за се, тоа беше интензивен дијалог, не беше лесен, но беше многу корисен за нас и за Американците, рече Карасин, додавајќи дека разговорите ќе продолжат.
Американската и руската делегација најавија дека денеска ќе излезат со заедничко соопштение за разговорите.