Во Париз денеска започна состанок на државните лидери посветен на поддршката на Украина и постигнување праведен и траен мир, објавено е на официјалната веб-страница на украинскиот претседателот Володимир Зеленски.
На состанокот присуствуваат претседателите на Украина, Франција, Литванија, Финска и Кипар, вршителот на должноста претседател на Романија, канцеларот на Германија, како и премиерите на Велика Британија, Белгија, Бугарија, Данска, Шпанија, Хрватска, Естонија, Грција, Ирска, Исланд, Италија, Латвија, Луксембург, Холандија, Португалија, Норвешка, Норвешка, Шведска, пренесе Укринформ.
На средбата присуствуваат и потпретседателот на Турција, претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, како и генералниот секретар на НАТО.
Австрија, Австралија и Канада се застапени на амбасадорско ниво.
Лидерите ќе разговараат за продолжување на поддршката за Украина, зајакнување на украинската армија и одбранбената индустрија, кои се сметаат за клучни елементи на безбедносните гаранции за земјата.
Посебен фокус ќе биде на мировните преговори и механизмите за спроведување на првите чекори кон прекин на огнот.
На состанокот ќе се разговара и за можноста за распоредување мировни сили во Украина како дел од идното мировно решение со поддршка на САД.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера на заедничка прес-конференција со Зеленски изјави дека предлогот за мировен контингент, поддржан од Франција и Велика Британија, не предвидува негово распоредување директно на линијата на фронтот.
Набљудувањето на прекинот на огнот, рече тој, може да му биде доверено на друг контингент, потенцијално под покровителство на Обединетите нации.