По повеќе од две години од почетокот на руската агресија врз Украина, европските министри и меѓународни истражители денеска во Хаг ќе разговараат за напредокот во гонењето на воените злосторства во оваа земја, јави ДПА.
Украина, нејзините сојузници и Европската комисија сакаат да се погрижат осомничените за воени злосторства да бидат изведени пред лицето на правдата.
Ќе се постави и прашањето како Русија може да се гони за кривично дело агресија. За таа цел може да се формира специјален суд. На конференцијата ќе бидат регистрирани и првите барања за обештетување од страна на жртвите.
Домаќин на конференцијата е Холандија. Меѓу учесниците ќе има и претставници на Европската комисија, Украина и западните сојузници, како и Меѓународниот кривичен суд и европското правосудно тело Евроџаст.
Набргу по почетокот на војната, неколку земји се согласија да соработуваат во истрагите со Украина и меѓународните правосудни власти.
Покрај украинските правосудни органи, истрагата ја води и Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг. Генералниот обвинител Карим Кан веќе издаде четири меѓународни потерници за високо позиционирани Руси, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин, под обвинение за воени злосторства. (МИА)