Јасер Абу Шабаб, водач на палестинската милиција наречена Народни сили, која е поддржана од Израел како противник на Хамас, е убиен на подрачјето на Газа, соопштија припадници на неговата организација.
Народните сили соопштија дека нивниот водач починал од прострелна рана додека интервенирал во семејна расправија и ги отфрлија тврдењата дека зад сè стои ривалскиот Хамас.
Се смета дека Јасер Абу Шабаб, бедуински племенски водач со седиште во Рафа, зона под израелска контрола на разорената територија, починал од повреди здобиени во насилен судир со моќни и добро вооружени локални семејства, пренесува Гардијан повикувајќи се на локални медиуми и извори во Газа.
Хамас претходно го прогласи за соработник и им нареди на своите борци да го убијат или заробат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во јуни призна дека Израел вооружувал кланови кои се противници на Хамас, но оттогаш се објавени малку други детали за таа политика, наведува британскиот весник. (МИА)