Главниот обвинител на Венецуела денеска соопшти дека неговото обвинителство побарало апсење на Хуан Пабло Гванипа, еден од најблиските сојузници на опозициската лидерка Марија Корина Мачадо, помалку од 12 часа откако беше пуштен од притвор.
Во соопштението на државниот обвинител не е наведено дали Хуан Пабло Гванипа е повторно уапсен, ниту е прецизирано каде се наоѓа во моментов. Владата вчера го ослободи заедно со уште неколку истакнати членови на опозицијата, по неколкумесечен притвор за кој се тврди дека бил политички мотивиран.
Канцеларијата на државниот обвинител Тарек Вилијам Саб објави на социјалните мрежи дека „побарала од надлежниот суд да ја укине превентивната мерка одобрена за Хуан Пабло Гванипа, поради непочитување на условите што ги одредил наведениот суд“.
Не е прецизирано кои услови Гванипа, поранешен опозициски гувернер, наводно ги прекршил за време на часовите поминати на слобода, но наведено е дека властите бараат да му се одреди куќен притвор.
Синот на Гванипа, Рамон, изјави дека група мажи во три возила го пресретнале неговиот татко и уште неколку лица во една населба во главниот град Каракас. Тие биле вооружени и носеле цивилна облека и панцири.
Рамон Гванипа изјави дека властите сè уште не го известиле за тоа каде се наоѓа неговиот татко, ниту за одлуката да му се одреди куќен притвор. Тој наведе дека неговиот татко не ги прекршил двата услови за пуштање на слобода – обврската еднаш месечно да се појави во судот и забраната за патување надвор од Венецуела. Пред новинарите го покажа судскиот документ во кој се наведени тие услови.