Вселенската компанија „Васт“ со седиште во американската сојузна држава Калифорнија, се стреми да го прошири човековото присуство во вселената, а сега има и многу повеќе пари за таа своја цел. Се работи за повеќе планирани приватни вселенски станици под заедничкиот назив „Хејвен“. Според официјалните наводи, потврдено е дека се собрани 500 милиони долари по новото финансирање.
– Оваа инвестиција ја нагласува силната верба на пазарот во нашата стратегија и нашето инженерство. Економијата во ниската орбита на Земјата е во критична фаза и е подготвена за брз раст. Станиците „Хејвен“ (Haven) на „Васт“ се дизајнирани да обезбедат безбеден и економичен пристап до истражување и производство на микрогравитација во вселената, овластувајќи ги владините и комерцијалните партнери да го отклучат целиот комерцијален потенцијал на оваа следна ера на вселенските збиднувања, изјави извршниот директор на „Васт“, Макс Хејот.
Џед Мекејлеб, основач на „Васт“, истакна дека финансирањето се состои од 300 милиони долари во акции од капитал и 200 милиони долари во долг.
„Средствата ќе бидат искористени за проширување на објектите, раст на тимот и унапредување на предложениот наследник на МВС (Меѓународната вселенска станица), – „Хејвен-2“, којшто е дизајниран да обезбеди одржливо човечко присуство во ниската Земјина орбита за САД и сојузниците“, соопшти „Васт“.
– „Васт“ е основан со долгорочна визија за милијарди луѓе кои живеат и напредуваат во вселената. Постигнувањето цел од ваков обем бара промислени чекори, а нашата стратегија за градење, тестирање и итерирање со вистински хардвер дава резултати. Возбудливо е да се пречекаат дополнителни инвеститори кои го препознаваат долгорочниот потенцијал на „Васт“ и ја споделуваат нашата верба во остварувањето на оваа визија, рече Мекејлеб.
МВС треба да биде повлечена кон крајот на 2030 година. „Васт“ планира да го лансира првиот модул „Хејвен-2“ во 2028 година и потоа да додава по еден модул на секои шест месеци до 2032 година.
Компанијата, основана 2021 година, ќе стекне одредено искуство пред тоа, бидејќи планира да ја лансира станицата „Хејвен-1 петфајндер“ со еден модул следната година на ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“. НАСА неодамна го избра „Васт“ да го управува шестиот приватен лет на астронаути до МВС што ќе биде лансиран не порано од летото 2027 година, па како што се најавува, исто така, ќе користи ракета „Фалкон 9“ и капсула за екипаж „Драгон“.
„Васт“ веќе тестираше некои од клучните технологии на „Хејвен-1“ на беспилотното вселенско летало „Хејвен-демо“ од 500 килограми, коешто беше лансирано во ниската орбита на Земјата во ноември. „Васт“ не е единствената приватна компанија во САД што работи на лансирање и управување со приватна вселенска станица во Земјината Орбита. „Аксиом спејс“ со седиште во Хјустон планира да лансира неколку модули на МВС на почетокот на 2027 година. Потоа овие модули ќе се одвојат и ќе станат „слободно лебдечка“, независна станица. „Блу ориџин“ и „Сиера спејс“ развиваат станица наречена „Орбитал риф“, а конзорциумот на „Нано-ракс“ и „Војаџер спејс“, работи на друга станица, под називот „Старлаб“.