Украинските и руските сили водат „жестоки борби“ во Авдиевка, град во источна Украина, изјави денеска висок командант на украинската војска.
Информацијата доаѓа еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев прави се што е можно за да ги спаси своите сили на источниот фронт, особено во градот Авдиевка, каде ситуацијата беше опишана како „критична“.
-Во градот се водат тешки борби. Нашите сили ги користат сите расположливи сили и средства за да го совладаат непријателот, информира на социјалните мрежи Олександр Тарнавски, висок украински командант на армијата во источниот дел на земјата.
Украинските сили воспоставуваат нови одбранбени позиции околу Авдиевка, а армијата сигнализираше можно повлекување пред брановите руски напади.
-Воспоставени се нови позиции и продолжуваат да се поставуваат големи утврдувања имајќи ги предвид сите можни сценарија, додаде командант Тарнавски.
Тој нагласи дека приоритет на Киев е да ги заштити своите сили.
-Ние го цениме секое парче украинска територија, но најголема вредност и приоритет за нас е да го спасиме животот на секој украински војник, рече тој, опишувајќи ја ситуацијата во Авдиевка како тешка, но под контрола.
Во тој град во регионот на Донбас уништен од борбите, позицијата на украинските војници е се понесигурна пред руските сили кои се во офанзива од октомври.
-Падот на Авдиевка би бил важна симболична победа за Русија, пренесува Бета. (МИА)