На територијата на украинската Херсонска област во тек е изградба на дополнителни 12 подземни болници, изјави началникот на обласната воена администрација, Олександар Прокудин.
– Продолжуваме со работата во оваа насока. Во моментов се градат уште 12 подземни болници за граѓаните да имаат пристап до медицинска помош дури и за време на гранатирањ“, истакна Прокудин.
Тој нагласи дека сложената безбедносна состојба и постојаните руски напади наложиле промена на пристапот во обезбедувањето на здравствените услуги, при што примарен фокус е ставен на безбедноста на медицинскиот персонал и на пациентите.
Во моментов во областа веќе функционираат 14 подземни болници. Во овие објекти лекарите извршуваат операции, лекуваат разни заболувања и спроведуваат рехабилитација. Во овие заштитени капацитети се вршат и породувања, а функционираат и пунктови за дарување крв.
Според информациите на Укринформ, во здравствените установи во Херсонската област моментално работат речиси 700 лекари и над 1.500 медицински лица. Сепак, сè уште постои итна потреба од специфични специјалисти за лекување на тешки трауми, како и недостиг од тесно специјализиран медицински кадар.