Украина денеска ја повика меѓународната заедница да ги отфрли резултатите од руските претседателски избори, истакнувајќи оти гласањето што ќе се одржи од 15 до 17 март во Русија е „фарса“.
– Украина ги повикува странските земји и меѓународните организации да се воздржат од признавање на резултатите од овие „избори“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
Избори се организирани и на украинските територии окупирани од Русија.
– Руската диктатура одамна нема никаква врска со демократијата, а претседателот Владимир Путин „е на власт 24 години, не преку слободно изразување на волјата на народот, туку преку манипулација со Уставот, тотална пропаганда и уништување на целиот политички натпревар. Присилувањето на милиони украински граѓани кои живеат на привремено окупирани територии или кои беа насилно префрлени на руска територија да учествуваат на така наречените „избори“ е подеднакво нелегално, се истакнува во соопштението.
Претходно денеска рускиот претседател Владимир Путин ги повика граѓаните „да го покажат својот патриотизам“ со гласање на претседателските избори.
Ве молам да излезете на гласање и да го изразите вашиот граѓански и патриотски став, да гласате за кандидатот што го избравте, за светлата иднина на нашата сакана Русија, наведе Путин во видео-обраќање.