Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека 44 милијарди евра, кои Европската комисија ѝ ги одобри на Полска преку европската програма SAFE за набавка на оружје, изнесуваат повеќе од целиот одбранбен буџет на Шпанија или Италија, додавајќи дека 80 отсто од средствата ќе завршат во полската воена индустрија.
– Програмата SAFE на одреден начин беше осмислена и иницирана од Полска и од првиот ден на нашата влада правиме сè прашањето за одбраната на границата на Источна Европа, источната граница на НАТО и нашата источна граница да биде важно не само за полските војници, туку да стане голема задача за цела Европа, изјави Туск пред денешната седница на Владата.
Полскиот премиер нагласи дека Полска и со сопствени сили успеала да ја заштити границата со Русија и Белорусија, правејќи ја најдобро обезбедена надворешна граница во Европа.
– SAFE е епохален проект. Тоа се повеќе средства од целиот одбранбен буџет на Шпанија или Италија. Од 44 милијарди евра што ги организира Европската Унија, 80 отсто на овој или оној начин ќе одат директно во претпријатијата на полската воена индустрија, и во приватниот и во државниот сектор, што претставува директна инвестиција во полската економија, рече Туск.
Од околу 130 поединечни проекти што ѝ се одобрени на Полска во рамките на програмата SAFE, Туск ги спомена набавката на авиони-цистерни за дополнување гориво во лет, производството на борбени возила и инвестициите во современи системи на дронови, кои можат да се прилагодат на идните предизвици и закани.
Програмата SAFE, со вкупен буџет од 150 милијарди евра, преку поволни заеми им помага на земјите членки на ЕУ во набавката на оружје и во развојот на одбранбеното производство во Европа, а Полска е нејзин најголем корисник.