Турската компанија Бајкар почна со изградба на фабрика во близина на Киев, која ќе вработи околу 500 луѓе и ќе произведува нејзини модели на дронови, изјави денеска извршниот директор на компанијата Халук Бајрактар.
Тој на маргините на Светскиот саем за одбрана во Ријад потврди дека е почната изградбата на фабриката, која треба да биде завршена за околу 12 месеци.
– Потоа преминуваме кон поставување на внатрешната механизација, опрема и организациска структура, рече тој.
Бајрактар истакна дека производствениот капацитет ќе биде околу 120 единици секоја година, но додаде дека сè уште не е јасно дали производството во украинската фабрика ќе биде фокусирано на моделот на дронови TB2 или TB3.
Дроновите бајрактар од турско производство станаа популарни во светот откако украинската армија почна да ги користи во војната против руските сили за уништување оклопни возила и артилериски системи.
„Бајкар“ претходно соопшти дека склучил договори за извоз на својот дрон ТБ2 со 30 земји, меѓу кои Украина, Етиопија, Либија и Азербејџан. (МИА)