Свет Русија го нападна Славјанск

Тројца загинати, околу 20 повредени во руските напади во источна и јужна Украина

– Секој таков руски напад ги поткопува тековните дипломатски напори и ги поткопува напорите на нашите партнери за ставање крај на војната, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тројца загинати, околу 20 повредени во руските напади во источна и јужна Украина

Три лица загинаа, а околу 20 се повредени во ноќните руски напади во источна и јужна Украина, соопштија денеска локалните власти.

Рано утрово, Русија го нападна Славјанск со наведувани воздушни бомби, при што загинаа „сопружници на возраст од 45 и 48 години“, јави Укринформ, повикувајќи се на Вадим Љах, началник на градската воена администрација, кој го објави ова на Фејсбук.

Според него, во 04:30 часот руските сили нападнале со наведувани воздушни бомби. Имало извештаи за погодени цивилни цели. Најмалку пет куќи биле оштетени, од кои две биле уништени. Три лица биле извлечени од урнатините. Еден млад човек бил повреден. Тој е во болница. Неговите родители не можеле да бидат спасени, истакна Љах.

Славјанск, кој се наоѓа на околу 20 километри од линијата на фронтот, редовно е цел на руските сили.

Во јужна Украина, регионот Одеса беше цел на масовен руски напад со беспилотни летала, при што загина најмалку едно лице.

– Телото на еден човек беше пронајдено под урнатини, изјави Сергеј Лисак, началник на воената администрација на градот.

– Секој таков руски напад ги поткопува тековните дипломатски напори и ги поткопува напорите на нашите партнери за ставање крај на војната, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Очекуваме Соединетите Американски Држави, Европа и другите партнери да не молчат и да запомнат дека за да се постигне вистински мир, потребно е да се изврши притисок врз Москва, додаде тој.

Според Олег Кипер, гувернер на регионот Одеса, во овој момент има информации за 23 повредени. „Девет лица се однесени во болница, вклучувајќи две деца и една бремена жена“, соопшти тој социјалните мрежи.

– Можеби сè уште има жртви под урнатините, рече тој, прецизирајќи дека спасувачките екипи сè уште работат.

Одеса е најголемиот пристанишен град во Украина на Црното Море, а нејзината енергетска и пристанишна инфраструктура редовно е цел на напади.

Според Кипер, дроновите оштетиле „десетици станбени згради“, како и „црква, градинка, гимназија и фитнес-центар“.

Противвоздушната одбрана на Украина денеска соопшти дека во текот на ноќта Русија лансирала 165 нападни дронови, од кои 135 биле соборени.

Во исто време руското Министерство за одбрана соопшти дека го освоило селото Купјанск-Вузлови во Харковскиот регион и селото Новојаковливка во регионот Запорожје, каде што руските сили ја продолжуваат својата офанзива. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top