Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека „се разбира дека не размислувал да се повлече поради постојаните критики за неговото предвремено заминување од комеморациите по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија, јави ДПА.
Сунак вети дека ќе продолжи „до последниот ден од оваа кампања“, обидувајќи се да ги минимизира гласините за негова можна оставка пред изборите на 4 јули.
Тој во текот на викендот успеа да ги избегне критиките за неговото предвремено заминување од прославата на годишнината од слетувањето во Нормандија, но денеска учествуваше на предизборна демонстрација и порача дека нема да престане „да се бори за иднината на земјата“.
Запрашан дали размислува да поднесе оставка, Сунак, кој беше во паб во јужниот англиски град Хоршам, на новинарите им соопшти дека „се разбира дека не размислувал за тоа“.
-Јас сум полн со енергија за визијата што ја предлагаме за земјата. Оваа кампања не е ни на половина пат, и наоѓам огромна поддршка за политиките што ги предлагаме, рече Сунак.
Британскиот премиер, исто така, го обнови својот помирувачки тон во врска со неговото предвремено заминување од прославите во Нормандија, изјавувајќи дека „апсолутно не сака никому да предизвика болка или повреда“ и се надева дека луѓето ќе најдат сила да му простат.
Сунак истакна некои од чекорите што ги презел како премиер на земјата, како што е зголемувањето на трошоците за одбрана, но и фактот дека во владината канцеларија има министер специјално за прашања на ветераните. (МИА)