Британскиот премиер Кир Стармер го известил својот кабинет дека „влоговите остануваат високи“, но дека Велика Британија продолжува да работи со „сите свои партнери“ за да обезбеди мир во Украина, во момент кога Доналд Трамп го критикуваше неуспехот на европските лидери да стават крај на војната.
Ова доаѓа откако Стармер беше домаќин на кризни разговори со европските сојузници за иднината на земјата, кои Трамп ги нарече „слаби“ лидери на „земји во распаѓање“ кои не успеваат да „произведат“ ништо додека „војната само продолжува и продолжува“, пренесе ДПА.
Американскиот претседател повторно го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не го прочитал најновиот нацрт на мировниот план, во уште еден напад врз Европа и Киев во интервју за кое аналитичарите велат дека нема да ја смири загриженоста дека тој би можел да ја напушти Украина пред руската агресија.
Даунинг Стрит соопшти дека никој не сака мир во Украина повеќе од Зеленски и ја отфрли критиката на Трамп за неуспехот на Европа да „го обезбеди“.
– Јас би го отфрлил тоа во однос на тоа што го видовте бројот на земји вклучени во разгворите на коалицијата на подготвените, исто така ја видовте работата што ја направи Велика Британија во однос на водењето на одговорот на санкциите, вклучително и против флотата во сенка, но ние силно го поддржуваме мировниот процес на САД, рече портпаролот на Стармер.
Тој го поздрави „значајниот напор на САД да донесат мир во Украина“.
– Никој не го сака тоа повеќе од претседателот Зеленски, истакна портпаролот.
Украина и нејзините европски сојузници најверојатно ќе инсистираат секое примирје да дојде со безбедносни гаранции и од САД и од коалицијата на подготвените што ја иницираа Велика Британија и Франција, додека истовремено ќе се спротивстават на префрлање на територија на Русија.
Украинскиот лидер, кој ја продолжува својата дипломатска турнеја низ Европа, се очекува наското да испрати ревидиран план до Белата куќа.
Американскиот амбасадор Ворен Стивенс попладнево треба да го посети кабинетот на Стармер на Даунинг Стрит 10 во Лондон, а Даунинг Стрит го истакна континуираниот „силен однос“ меѓу Стармер и Трамп по жестоките критики на претседателот кон европските лидери и објавувањето на неговата нова стратегија за национална безбедност која беше критична кон традиционалните сојузници на Вашингтон.
Сè уште има „некои нерешени прашања“ во напорите за завршување на конфликтот во Украина, рече портпаролот на Стармер, „но како што видовте и од американската и од украинската страна, интензивната работа на мировниот план продолжува и ќе продолжи во наредните денови и недели“.