Британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа за „важноста“ на антикорупциските мерки, откако украинскиот претседател се соочи со протести поради контроверзен закон.
Зеленски изјави дека ги претставил своите планови за обезбедување „независност и ефикасност на украинската антикорупциска инфраструктура“ пред британскиот премиер, откако неговата влада во Киев се соочи со првите поголеми протести од почетокот на војната пред три години.
Украинскиот претседател денеска најави дека ќе испрати нов антикорупциски закон до парламентот на земјата, потсети ДПА.
Илјадници луѓе се собраа на улиците на Киев и другите градови низ Украина претходно оваа недела, протестирајќи против законот кој ќе го зајакне надзорот над две антикорупциски агенции.
Двајцата лидери во денешниот телефонски разговор дискутираа и за санкциите за руските енергетски приходи, соопшти Даунинг стрит.
Пренесувајќи ги деталите од нивниот разговор, портпаролот изјави дека двајцата се „согласиле дека меѓународните партнери мора да продолжат да го зголемуваат притисокот врз Русија“.
– Премиерот ја истакна непоколебливата поддршка на Велика Британија за Украина, а лидерите се согласија за важноста на улогата на независните антикорупциски институции во срцето на украинската демократија, додаде портпаролот.
„Двајцата лидери подвлекоа дека рускиот претседател Владимир Путин мора да седне на преговарачка маса и да договори безусловен прекин на огнот за да се постигне праведен и траен мир во Украина“, информира кабинетот на Стармер.
Зеленски изјави дека имале „многу добар и суштински разговор“.
Во објава на X, тој рече дека „зборувал за подготовката на предлог-закон насочен кон зајакнување на правниот систем и обезбедување независност и ефикасност на украинската антикорупциска инфраструктура.“
Премиерот „сугерираше вклучување експерти кои би можеле да придонесат за долгорочна соработка“, додаде Зеленски. (МИА)