Сè уште постои значителна потреба од појаснување во меѓународните напори за ставање крај на руската војна и обезбедување безбедносни гаранции за Украина, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц.
– Дискусиите деновиве се водат многу интензивно. Се обидуваме да ја вклучиме американската влада во разговорите што ги водиме меѓу нас, како и со украинската влада и украинскиот претседател, изјави Мерц во југозападниот германски град Хајделберг.
Како што пренесе ДПА, Мерц нагласи дека безбедносните гаранции, за кои се разговара неколку недели, првенствено се фокусираат на трајно зајакнување на украинската армија за да ѝ се овозможи на земјата самостојно да се брани.
– Ние сме подготвени да дадеме сопствен придонес за ова. Потребен ќе биде и придонес од страна на САД, рече Мерц.
Тој додаде дека останува отворено прашањето како и со кои детали ова ќе се интегрира во еден севкупен концепт.
– Во овој поглед, сè уште има многу, многу отворени прашања, и сите тие се предмет на дискусиите што се водат во моментов, рече германскиот канцелар.
– Знаеме дека без безбедносни гаранции, не можеме долгорочно да ја заштитиме Украина, нагласи тој.
Мерц неодамна сугерираше дека по разговорите за време на викендов, би можело да има средба во Берлин на почетокот на следната недела, но во Хајделберг не го коментираше тоа кога беше прашан.
Заменик-портпаролот на владата, Штефен Мајер, во Берлин објасни дека во моментов има „многу висока динамика“ во процесот.