Свет

Советот на ЕУ одобри дополнителни 4,2 милијарди евра помош за Украина

Советот на ЕУ одобри дополнителни 4,2 милијарди евра помош за Украина

Советот на ЕУ денеска одобри исплата на втората транша финансиска помош во рамките на Украинскиот механизам, во износ од над 4,2 милијарди евра во форма на грантови и заеми, наменети за поддршка на макрофинансиската стабилност на Украина и за функционирањето на нејзината јавна администрација.

Со денеска усвоена одлуката, Советот заклучи дека Украина ги исполнила неопходните услови и реформи предвидени во Планот за Украина за да може да добие нова транша средства од Украинскиот механизам. Советот, исто така, ја нагласи важноста од што побрза исплата на овие средства, со оглед на тешката фискална ситуација во Украина.

Планот за Украина вклучува мерки насочени кон закрепнување, реконструкција и модернизација на земјата, како и реформи што таа планира да ги преземе во следните четири години како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.

Со Планот за Украина, одобрен од страна на Советот на ЕУ во мај годинава, се предвидува Унијата преку Украинскиот механизам да и додели на Украина финансиска поддршка во износ до 50 милијарди за периодот од 2024 до 2027 година. Од оваа сума, 32 милијарди евра се предвидени за поддршка на реформите и инвестиции, чија исплата ќе зависи од исполнување на предуслови поврзани со функционирањето на демократските институции, владеењето на правото и реформските процеси, пред се во борбата против корупцијата и перењето пари, измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, подобрување на деловното опкружување, во енергетиката и зелената транзиција и во заштитата на животната средина.

Досега во рамките на овој Механизам, ЕУ на Украина и исплати околу шест милијарди евра, од кои 1,89 милијарди евра како предфинансирање и транша од речиси 4,2 милијарди евра – 1,5 милијарди евра грантови и над 2,6 милијарди евра заеми.

To top