Земјите-членки на НАТО ветија стотици милиони долари за поддршка на иницијативата Приоритетна листа на потреби на Украина (ПУРЛ), програма на НАТО дизајнирана да обезбеди брза испорака на оружје во земјата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Тој им се заблагодари на Велика Британија, Исланд, Норвешка, Шведска и Литванија за нивниот придонес, додавајќи оти очекува да следат повеќе ангажмани.
Руте на заедничката прес-конференција со министрите за одбрана на Велика Британија, Германија и Украина не ја прецизира сумата на финансиската поддршка за програмата ПУРЛ.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили наведе дека сојузниците на Украина веќе ветиле околу 35 милијарди долари воена помош за Киев за 2026 година.
Сумата вклучува и нови билатерални обврски и претходни ветувања од сојузничките земји, вклучувајќи ги и 11,5 милијарди евра што веќе ги најави Германија.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус посочи дека Берлин е подготвен да испорача пет нови системи за воздушна одбрана на Украина, под услов другите сојузници да обезбедат уште најмалку триесет. Тој изрази „сериозен оптимизам“ дека ќе биде постигнат договор за тоа.
Додека украинскиот министер за одбрана Михајло Фјодоров наведе дека „Русите не можат да победат на терен“ и затоа водат војна против критичната инфраструктура на Украина. (МИА)