По враќањето од првата странска посета на соседна Украина, новиот полски министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, ги повика европските земји да ги интензивираат долгорочните планови за воено производство и рече дека Западот мора повторно да се вооружи поради руската закана.
„Западот мора повторно да се вооружи пред руската закана. Военото производство не може да остане на мирновременска основа додека трае војната во Украина. Војните не се решаваат со тактички ангажмани, туку со индустриските капацитети, а ние заостануваме“, рече Сикорски по неговата посета на Киев, пренесува Гардијан.
Тој оцени дека западните влади треба да понудат долгорочни договори на компаниите за производство на оружје или самите да го финансираат производството.
Сикорски, кој ја презеде функцијата министер за надворешни работи овој месец, во петокот во Киев се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинскиот премиер Денис Шмихал и министрите за надворешни работи и за одбрана на земјата.
Тој го посети Киев во време на намален ентузијазам во Украина предизвикан од воена исцрпеност, страв од почетокот на нова зима и слабеење на поддршката од западните сојузници поради блокадата на големите пакети финансиска помош од ЕУ и САД, додава Гардијан.
„Беше лесно да се почувствува ентузијазам за Украина додека Украинците успешно ги враќаа своите територии од Русите. Вистинскиот тест на нашето трпение и одлучност е сега, кога сме во застој“, рече Сикорски. (МИА)