Германија и пет други земји од ЕУ имаат за цел побрзо да се движат по клучните политички прашања, вклучително и за тоа како да се хармонизираат правилата на пазарот на капитал, изјави германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл.
– Сè уште верувам дека темпото што моментално го доживуваме на европско ниво не е соодветно на предизвиците со кои се соочуваме како Европа-рече Клингбајл во Брисел на денешната средба со министрите за финансии на Франција, Италија, Холандија, Полска и Шпанија.
– Сакаме решенија за цела Европа, и на тоа работиме шестмината со цел зајакнување на суверенитетот на Европа и правење на Европа силна, особено во овие турбулентни времиња, и работиме на тоа да обезбедиме да играме посилна улога на меѓународен план-додаде тој.
Како што пренесе ДПА, денешната средба беше фокусирана на забрзување на работата на таканаречените пазари на капитал и сојузите за штедење и инвестиции.
Лидерите на ЕУ минатата недела разговараа за намалување на бирократијата и подобро поврзување на пазарите на капитал во ЕУ за да се создаде подобра средина за бизнисите, откако напорите со години беа главно неуспешни.
Во моментов, секоја земја-членка на ЕУ има свој пазар на капитал со свои правила, вклучително и за правната структура на компаниите, даночните регулативи и сопствени финансиски институции како што се берзите и банките.