Досегашниот шеф на австриската дипломатија Александар Шаленберг денеска положи заклетва како привремен канцелар на земјата.
Претседателот на Австрија Александар Ван дер Белен изјави дека функцијата му ја доверува на членот на сојузната влада со најдолг стаж, пренесе јавниот сервис ОРФ.
Шаленберг со ова по втор пат станува вршител на должноста канцелар, откако на истата позиција застана и во 2021 година, кога поранешниот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради обвинувањата за корупција, а ќе остане и министер за надворешни работи додека не се формира нова влада.
За денеска е закажан телефонскиот разговор на Шаленберг со германскиот канцелар Олаф Шолц, а викендов треба да разговара и со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Поради преземањето на функцијата канцелар, Шаленберг мораше да ги одложи планираните патувања во Сирија и Турција.
Австриската Партија на слободата победи на парламентарните избори во септември кога освои 28,8 отсто од гласовите пред конзервативната Австриска народна партија на канцеларот во заминување Карл Нехамер, која беше втора.
Не е сигурно дали преговорите меѓу екстремната десница и конзервативците за коалицијата ќе бидат успешни, а во сегашното свикување на парламентот нема други реални опции за формирање влада, наведуваат американските медиуми.
Во октомври, Ван дер Белен му даде мандат на Нехамер да формира влада, откако неговата партија рече дека нема да влезе во влада со Партијата на слободата додека ја води Кикл, а другите партии ја отфрлија можноста за соработка со екстремната десница.
Обидите за формирање владејачка коалиција без екстремната десница пропаднаа во првите неколку дена од оваа година, по што Нехамер во текот на викендот поднесе оставка и од функцијата претседател на партијата и од функцијата канцелар.
Партијата на Нехамер тогаш посочи дека може да биде отворена за соработка со Кикл.
Ван дер Белен потоа му даде мандат на лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија Херберт Кикл да формира влада. (МИА)