Рускиот опозициски лидер Владимир Кара-Мурза, осуден на 25 години затвор, напиша дека е ставен во самица најмалку четири месеци.
Тој се огласи поради големата загриженост на неговите соседи и повеќе западни земји за тоа каде се наоѓа.
Неговата адвокатка Марија Ајсмонт го проследи писмото на Кара-Мурза објавено денеска во весникот Нова Газета, во кое тој вели дека бил префрлен од казнената колонија број шест во Омск, Сибир, во колонијата број седум во истиот град.
-Во петокот без предупредување бев повикан во „комисијата“ за којзнае каков „прекршок“ кога не станав на сигналот „стани“ (во ќелијата) кој не се слушна, напиша Кара- Мурза.
Тој беше ставен во специјална изолација најмалку до 26 мај, но тој рок може да се промени доколку има нови обвинувања за негово кршење на условите за притвор.
Претходниот ден неговата сопруга Евгенија Кара-Мурза, која живее во егзил во странство, изрази загриженост дека е префрлен на „непознато место“. После тоа, германската и британската дипломатија се загрижија за тоа каде се наоѓа.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон вчера ја повика Русија „итно“ да достави информации за тоа каде се наоѓа опозиционерот, наведувајќи дека тој има намера наскоро да се сретне со сопругата.
Роднините на Кара-Мурза (42), кој има и британско државјанство, се загрижени за неговата лоша здравствена состојба, опозиционерот боледува од нервна болест полиневропатија, предизвикана од два обиди за труење.
Тој беше прогласен за виновен во април 2023 година за ширење „лажни информации“ за руската војска и одржување врски со „непожелна организација“ на крајот на судењето зад затворени врати.
Неговата казна од 25 години затвор е една од најтешките за една истакната опозициска личност во последниве години, во време кога Русија спроведува репресии од почетокот на нападот врз Украина пред речиси две години. (МИА)