Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „лаже“ кога рече дека САД ги условувале своите безбедносни гаранции за Киев со предавање на дел од нејзината територија на Русија.
– Тоа е лага – им рече американскиот дипломат на новинарите по состанокот на Г7 во близина на Париз.
– Го видов Зеленски како го кажува тоа и жално е што го кажа тоа бидејќи знае дека не е вистина – додаде Рубио во време кога преговорите за завршување на четиригодишната војна остануваат во ќорсокак.
Зеленски претходно за Ројтерс изјави дека САД ги понудиле своите безбедносни гаранции потребни за мировен договор во Украина под услов Киев да го отстапи источниот регион Донбас на Русија.
Изјавата беше поздравена од рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев, кој рече дека Москва „не може а да не се радува“ поради тоа.
– Тој кажа важна работа … конечно сфати дека ставот на САД е дека ќе поддржат безбедносни гаранции само ако Украина го напушти Донбас – рече рускиот функционер.
Регионот Донбас се состои од регионите Луганск и Доњецк. Според Институтот за проучување на војната (ISW), Русија го контролира речиси цел Луганск и околу 75 проценти од регионот Доњецк.