Синот на поранешниот ирански шах Реза Пахлави, противник на теократската влада во Техеран кој живее во Соединетите Држави, денес го повика американскиот претседател Доналд Трамп да биде подготвен да интервенира за да му помогне на иранскиот народ, пренесе „Бета“.
Откако многу Иранци одговорија на повикот на Пахлави за протести синоќа, тој денес напиша на платформата „Икс“ дека „времето е од суштинско значење“ бидејќи врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, сака да го искористи исклучувањето на интернетот и телефонскиот сообраќај „за да убие млади херои“.
„Господине претседателе, ова е итен и непосреден повик за ваше внимание, поддршка и акција. Синоќа видовте милиони храбри Иранци на улиците, соочувајќи се со вистински куршуми. Денес тие се соочуваат не само со куршуми, туку и со целосен прекин на комуникацијата. Нема интернет. Телефоните не работат“, рече 65-годишниот Пахлави.
Пахлави, чиј татко, автократскиот проамерикански шах Мохамед Реза Пахлави, избега од Иран во 1979 година во пресрет на Исламската револуција, додаде дека Хамнеи „им се заканувал на луѓето на улиците со брутална репресија, плашејќи се дека народот ќе го заврши неговиот криминален режим, потпомогнат од силното ветување на Трамп дека ќе ги поддржи демонстрантите“.
„Ги повикав луѓето на улиците да се борат за својата слобода и да ги преплават безбедносните сили со нивниот број. Синоќа го сторија тоа. Вашата закана кон овој криминален режим ги држеше настрана и бандитите на режимот. Но, времето е од суштинско значење. Луѓето ќе се вратат на улиците вечерва. Ве молам помогнете. Докажавте и знам дека сте човек на мирот и човек од збор. Ве молам бидете подготвени да интервенирате за да му помогнете на народот на Иран“, рече Пахлави.
Илјадници Иранци излегоа на улиците синоќа, скандирајќи „Смрт на диктаторот“, осврнувајќи се на Хамнеи и „Смрт на Исламската Република“. Демонстрациите вклучуваа и скандирања за поддршка на покојниот шах, но не е јасно дали скандирањата се исто така знак на поддршка за принцот Реза Пахлави или едноставно желба за враќање во ерата пред Исламската револуција.
Најновите протести во Иран избувнаа на 28 декември, кога трговците излегоа на улиците на Техеран за да го изразат гневот поради уште еден остар пад на вредноста на иранската валута, ријалот, во однос на американскиот долар. Студентите наскоро се придружија на протестите, кои почнаа да се шират во други градови и рурални области.
Протестите, кои станаа антивладини, се проширија во сите ирански провинции оваа недела и добија на интензитет, а владата одговори синоќа со исклучување на интернетот и прекинување на телефонските линии.
Според американските активисти за човекови права во Иран, најмалку 62 лица се убиени, а повеќе од 2.300 се уапсени во насилство поврзано со најновиот бран протести во Иран.