Свет Совет за општи работи на Унијата

Проширувањето на ЕУ ќе ги подобри економско-социјалните услови на европските граѓани, оценува ГАК

Советот ја нагласува важноста од целосно искористување на потенцијалот на постоечките правни инструменти, се вели во заклучоците, во кои се нагласува дека Советот со нетрпение очекува да ги види понатамошните предлози од Комисијата во таа насока. 

Проширувањето на ЕУ ќе ги подобри економско-социјалните услови на европските граѓани, оценува ГАК

Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и за поттикнување на вредностите на кои е основана Европската унијата, се наведува во Заклучоците за проширувањето усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК).

– Проширувањето на ЕУ ќе донесе далекусежни социо-економски придобивки за нејзините сегашни и идни членки. Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји членки треба да се подготват за тоа. Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ, се наведува во заклучоците.

Паралелно со ова, според Советот, ЕУ треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи, со што  стане посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет.

– Руската агресивна војна против Украина ја нагласува важноста на проширувањето како стратешки приоритет за ЕУ. Советот ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан, Украина и Молдавија. Турција останува земја кандидат и клучен партнер во многу области од заеднички интерес. Советот потсетува дека акциите преземени од грузиската Влада го загрозуваат европскиот пат на Грузија, што де факто води кон запирање на процесот на пристапување и ја повторува цврстата солидарност на ЕУ со грузискиот народ и нејзината подготвеност да продолжи да ги поддржува Грузијците на нивниот европски пат, при тоа изразувајќи жалење за неодамнешната најава на грузиската Влада за суспендирање на процесот на пристапување во ЕУ до 2028 година, се вели во документот.

Врз основа на Пакетот на Комисијата за политиката за проширување од 30 октомври годинава, вклучува извештаи за напредокот на европскиот пат на Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Украина, Република Молдавија и Грузија,

Советот ја потврдува својата посветеност на проширувањето во согласност со заклучоците од самитите на ЕУ и Стратешката агенда за периодот 2024-2029 година.

– Во согласност со претходните заклучоци, а во рамките на политичките критериуми од Копенхаген, Советот ја потврдува потребата од фер и ригорозна условеност, од принципот на индивидуални заслуги и реверзибилност на пристапниот процес. Советот ја нагласува важноста да се осигура дека ЕУ може да го задржи и продлабочи сопствениот развој, вклучувајќи го и нејзиниот капацитет да интегрира нови членки. Поздравувајќи ја новата динамика во процесот на проширување, Советот ја нагласува потребата партнерите да ја докажат кредибилноста на нивните заложби и нивната политичка волја, преку спроведување на неопходните реформи и видлив напредок во однос на основите вредности, се потенцира во заклучоците на ГАК.

Според Советот, почитувањето и посветеноста на промовирањето на вредностите на кои се базира ЕУ и исполнувањето на обврските потребни за членство, остануваат од суштинско значење за сите партнери кои се стремат да се приклучат кон блокот.

– Одржливите и нереверзибилни реформски достигнувања за основните вредности, вклучувајќи го владеењето на правото и основните права, функционирањето на демократските институции, јавната администрација и економските критериуми продолжуваат да бидат клучните одредници според кои се оценува напредокот кон членството во ЕУ. Препораките на Комисијата во овие области треба да се спроведат како приоритетни прашање, додава ГАК.

Советот повторува дека владеењето на правото е меѓу основните вредности на кои е заснована ЕУ и претставува клучен аспект на демократската трансформација и неопходен услов за напредок кон членството во ЕУ.

– Заштитата на основните права е во сржта на вредностите на ЕУ. Советот ќе продолжи внимателно да го следи напредокот на партнерите во оваа област. Во овој контекст, Советот особено ја нагласува важност од почитување на правата на детето, како и на правата и недискриминаторски третман на лицата кои им припаѓаат на малцинствата и на ранливите категории, како што се Ромите, лицата со попреченост, лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите и интерсексуалните лица, како и припадниците на националните малцинства, се нагласува во заклучоците.

Во однос на родовата еднаквост, пак, Советот повторува дека мора да се обезбеди зајакнување и целосно почитување на основните права на жените и девојките.

– Советот потсетува дека слободата на изразување, заштитата на новинарите, слободата на медиумите и плурализмот се клучните столбови на едно демократско општество, па затоа треба да ги обезбедат и партнерите аспиранти за членство. Обезбедувањето амбиент за работа и посилна улога на организациите на граѓанското општество, како и нивно вклучување во реформскиот процес, исто така, остануваат суштински елементи на добро функционалната демократија. Советот ги повикува сите партнери итно да ги решат пријавените недостатоци, посветувајќи посебно внимание на решавањето на системските прашања забележани од Комисијата, додава ГАК.

Советот, исто така, нагласува дека партнерите треба да постигнат одржлив напредок во сеопфатните реформи во правосудството, борбата против корупцијата, вклучително и деолигархизацијата и борбата против организираниот криминал.

– Воспоставувањето солидна имплементација на реформите и одржливите резултати во овие критични области остануваат од суштинско значење, се потенцира во документот.

Во однос на Западниот Балкан, за заклучоците се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација. Советот забележува дека се уште се потребни решителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност.

– Советот силно ги охрабрува партнерите да ги решат своите билатерални спорови и прашања вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучувајќи го и Договорот за прашањата за сукцесија, се додава во текстот.

Според Советот, од клучно значење останува понатамошното зајакнување на соработката за прашања од надворешната политика и се очекува од партнерите целосно да се усогласат со заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ, вклучувајќи го и почитувањето на рестриктивни мерки, како клучен аспект на процесот на интеграција во Унијата и силно изразување на стратешкиот избор за „место во заедница на вредности“.

– ЕУ продолжува да стои покрај партнерите и да им дава помош, особено на оние кои се целосно усогласени со ЗНПБ. Спречувањето на заобиколување на рестриктивните мерки на ЕУ, вклучително и оние усвоени како одговор на руската агресивна војна против Украина, останува од огромно значење. Советот ја поздравува континуираната посветеност на партнерите кон заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ (ЗБОП), вклучително и придонесот во мисиите и операциите на ЕУ од повеќето од нив, се оценува во заклучоците.

Според Советот, спротивставувањето на предизвиците на хибридните закани е клучен приоритет, па затоа ЕУ е посветена на понатамошно продлабочување на соработката со партнерите, меѓу другото и за спротивставување на активностите за манипулација со информации и ширењето дезинформации и лажни руски наративи.

– Борбата против тероризмот, насилниот екстремизам, радикализацијата и организираниот криминал и понатаму се од суштинско значење. Советот останува посветен на натамошно продлабочување на успешната соработка со партнерите во овие области. Нерегуларната миграција останува итен предизвик кој бара континуирана соработка и координација со сите партнери. Советот уште еднаш ги пофалува партнерите од Западен Балкан за нивната конструктивна соработка, како и Турција за нејзините континуирани напори да биде домаќин на една од најголемите популации на бегалци во светот, се потенцира во заклучоците, при што се нагласува и важноста на усогласување на партнерите со визната политика на ЕУ.

Советот потенцира дека очекува сите партнери јасно и редовно да го информираат своето население за придобивките и обврските кои произлегуваат од нивните патишта кон ЕУ, како и за нивната посветеност на вредностите на ЕУ и неопходните реформи, а за возврат Унијата ќе ја зајакне својата стратешка комуникација за процесот на проширување.

Во однос на економските критериуми, Советот позитивно забележува дека повеќето од економиите на партнерите покажале значителна издржливост и покрај тековната руска агресија врз Украина, но дека е важно тие да ги забрзаат структурните реформи потребни за одржлив раст и да постигнат напредок во исполнувањето на економските критериуми за членство во ЕУ.

– ЕУ ќе продолжи да дава поддршка на сите нивоа на политичката, економската и социјалната трансформација на земјите аспиранти, врз основа на видлив напредок во владеењето на правото и социо-економските реформи, како и на почитувањето на вредностите, правилата и стандардите од страна на партнерите. ЕУ ќе продолжи да обезбедува значителна финансиска помош за партнерите во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка – Глобална Европа, како и техничка поддршка, се додава во заклучоците.

ГАК потенцира дека останува посветен на приближување на партнерите до ЕУ, подготовка на теренот за пристапување и обезбедување конкретни придобивки за нивните граѓани веќе за време на процесот на проширување и го поздравува напредокот во постепената интеграција постигнат во текот на изминатата година.

– Советот ќе продолжи да поттикнува понатамошно унапредување на постепената интеграција врз основа на заслуги и на реверзибилен начин, во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 2022 и 2023 година и надградба на ревидираната методологија за проширување. Постепената интеграција останува предмет на соодветно усогласување со правото на ЕУ. Советот ја нагласува важноста од целосно искористување на потенцијалот на постоечките правни инструменти, се вели во заклучоците, во кои се нагласува дека Советот со нетрпение очекува да ги види понатамошните предлози од Комисијата во таа насока.

Советот, исто така, ја поздравува тековната имплементација на Планот за раст за Западниот Балкан и за Украина, кои, како што се нагласува, треба да обезбедат невидена финансиска поддршка и реформска помош.

– Советот ги поздравува амбициозните реформски агенди и Украинскиот план што ги усвоија партнерите од Западниот Балкан и Украина и потсетува дека исплатите на поддршката зависат од ефективното спроведување на наведените реформи. Советот ја поздравува најавата на Комисијата за нов план за раст за Молдавија и брзото усвојување на преговарачката позиција на Советот за предлогот за воспоставување на Инструмент за реформски и раст на Молдавија, со цел што е можно поскоро да се постигне политички договор, се додава во заклучоците за проширувањето што денеска ги усвои Советот за општи работи на ЕУ. (МИА)

Поврзани теми

To top