Полицијата во Естонија уапси универзитетски професор со руско потекло под сомнение дека шпионирал за Москва.
Естонската служба за внатрешна безбедност соопшти дека иницирала истрага против Вјачеслав Морозов, руски државјанин и професор по меѓународна политика на престижниот универзитет во Тарту, поради неговата наводна вмешаност во разузнавачки активности насочени кон поткопување на националната безбедност на земјата.
Деталите за неговите наводни разузнавачки активности не беа објавени „бидејќи се преземаат процедурални чекори за проверка на наводите“.
Естонските власти посочуваат дека тоа е еден од повеќе од 20 случаи и дека претставува „желба на руските разузнавачки служби да се инфилтрираат во различни области од естонскиот живот, вклучително и научниот“.
Универзитетот во Тарту е најголемиот и најстариот во Естонија, формиран во 1632 година. (МИА)