Тимот на Алексеј Навални ја потврди смртта на рускиот политички активист и повика неговото тело „веднаш“ да биде вратено на неговото семејство. Навални (47), кој издржуваше 19-годишна казна во сибирски затвор, починал во 14:17 часот по локално време на 16 февруари, според документот даден на неговата мајка Људмила, изјави портпаролката на Навални, Кира Јармиш. Но, не е наведена причината за смртта, а неговиот тим повика неговото тело веднаш да биде вратено на неговото семејство.
Тимот на Навални тврди дека неговото тело е намерно задржано од руската влада.
Јармиш, изјави за „Би-Би-Си“ дека тимот на Навални верува оти Владимир Путин ја наредил смртта на активистот, кој беше најпознатиот критичар на рускиот претседател.
„Сигурно знаеме дека тоа не беше само смрт, тоа беше убиство.Тие се обидуваат да покријат траги, затоа телото не му го даваат на неговото семејство и затоа само го кријат од нив“, рече Јармиш и додаде дека не знае каде е телото и кога ќе му биде дадено на семејството на Навални.
Таа објасни дека според руските закони, телото на затвореникот треба да им се даде на роднините во рок од два дена по смртта.
Шефот на британската дипломатија, лорд Дејвид Камерон, рече дека „треба да има последици“ по смртта на Навални и дека Британија ќе преземе мерки. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги отфрла „пристрасните и нереални“ проценките на Велика Британија за причината за смртта на Навални.
Во многу земји во близина на руските амбасади се одржаа протести и бдеење по смртта на Навални, а во Русија се уапсени над 200 луѓе и растурени се местата каде се оддаваше почит.