Преговарачите на Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано изутринава постигнаа привремен политички договор за регулативата за воспоставување на првата рамка на ЕУ за регулирање на начините за отстранување на јаглеродот, која има за цел да ги олесни и забрза активности за негова дислокација и за намалување на неговите емисии во почвата.
Новите правила ќе важат за активности на територијата на ЕУ, меѓутоа на Комисијата и се остава простор да ја разгледа можноста да дозволи складирање на геолошки јаглерод и во соседни трети земји, под услов тие да се усогласени со стандардите за животна средина и безбедност на Унијата.
Откако ќе стапи на сила, регулативата ќе биде првиот чекор кон воведување сеопфатна рамка во законодавството на ЕУ за отстранување на јаглеродот и намалување на неговите емисии во почвата, со што ќе се придонесе за амбициозната цел на Унијата предвидена со европскиот Закон за климата за постигнување климатска неутралност до 2050 година.
Со Договорот се проширува опсегот на регулативата за намалување на јаглеродните емисии во почвата и се предвидува трајно отстранување на јаглеродот, привремено во конструкции на база на дрво во траење од најмалку 35 години и привремено во вид на обнова на шумите и почвата или зачувување на мочуриштата во траење од најмалку пет години.
До 2026 година, Европската комисијата има задача да подготви извештај за изводливост на активностите кои резултираат со намалување на емисиите.
Договорената регулатива предвидува дека активностите за отстранување на јаглерод треба да исполнуваат четири сеопфатни критериуми за да бидат сертифицирани: квантификација, дополнување, долгорочно складирање и одржливост. Врз основа на овие критериуми, Комисијата треба да изработи приспособени методологии за регулирање за различни видови активности за отстранување на јаглеродот.
Регулативата потенцира дека активностите со јаглеродот во земјоделство секогаш мора да бидат во полза на биолошката разновидност, вклучително и одржување на квалитетот на почвата и избегнување на деградација на земјиштето, а дополнително утврдува и јасни обврски за мониторинг и правила за одговорност при јаглеродното складирање.
Со документот се предвидува четири години по стапувањето во сила на регулативата да се воспостави заеднички и транспарентен електронски регистар на ниво на ЕУ, преку кој информациите поврзани со ова прашање ќе бидат јавно достапни.
Пред да стапи во сили договорениот текст на регулативата треба да биде и формално одобрен од Европскиот совет, односно од земјите членки на ЕУ, како и од Европарламентот. (МИА)