Поранешниот премиер на Косово, Авдула Хоти, изјави дека новата Влада на Косово, која ќе се формира по изборите во февруари 2025 година, треба да го насочи својот фокус кон договорот од Вашингтон, кој на 4 септември 2020-та го потпиша тој, како тогашен премиер, со претседателот на Србија, Александар Вуиќ, со посредство и во присуство на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Хоти на својата страница на Фејсбук напиша дека отпочнувањето на инфраструктурните проекти предвидени со тој договор е во интерес на Косово и идната влада треба веднаш да започне со подготовка на планови за реализација и да обезбеди основни средства. После тоа, според Хоти, ќе биде потребно дополнително да се влезе во преговори со стратешките партнери за реализација и целосно финансирање на проектите.
Тој вели дека со енергетската криза која преовладува, проектот за гас доби размери на прашање од национална безбедност.
Пратеникот на опозицискиот Деморкатски сојуз на Косово и потписник на Вашингтонскиот договор вели дека четири години со неговиот наследник на чело на косовската Влада, актуелниот премиер Албин Курти, „се изгубени“, а „стотици милиони евра инвестиции не се реализираа и илјадници работни места не се отворија“.
-Инфраструктурните проекти од Вашингтонскиот договор ги надминуваат економските димензии – тие се прашање на националната безбедност и долгорочната економска стабилност на Република Косово, напиша Хоти.