Традиционално, во хотелот „Бајеришер Хоф“ денеска почнува 62. Минхенска безбедносна конференција (MСЦ), на која ќе учествуваат повеќе од 1.000 делегати од над 115 земји, вклучувајќи 60 шефови на држави и влади, 100 министри за надворешни работи и претставници на големи меѓународни организации, меѓу кои се шефовите на ЕУ, НАТО, АСЕАН, ОБСЕ, Светската банка, Светската трговска организација и бројни агенции на ОН.
На собирот, меѓу другите, се очекуваат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, данската премиерка Мете Фредериксен и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Исто така, учество потврди и државниот секретар на САД, Марко Рубио, кој ќе предводи голема американска делегација составена од повеќе од 50 членови на американскиот Конгрес, како и гувернерите на Мичиген и Калифорнија.
Повеќе од две третини од сите европски шефови на држави и влади го потврдија учеството, што ја истакнува централната улога на конференцијата во обликувањето на европскиот стратешки дијалог.
Минхенската безбедносна конференција, предводена од претседателот Волфганг Ишингер, во наредните три дена станува место каде стотици носители на одлуки и лидери на јавното мислење од различни региони на светот ќе разговараат за предизвиците на безбедносната политика.
Минхенската безбедносна конференција со години претставува една од клучните платформи за размена на ставови за глобалната безбедност. Темите што ќе се обработуваат на МСЦ 2026 ќе вклучуваат европска безбедност и одбрана, иднината на трансатлантските односи, ревитализација на мултилатерализмот, спротивставени визии за глобалниот поредок, регионални конфликти и безбедносни импликации од технолошкиот напредок.
Овогодишната, 62. Минхенска безбедносна конференција која почнува денеска, трае до 15 февруари, а мерките за безбедност се максимално засилени и ангажирани се 5.000 полицајци кои ќе го обезбедуваат собирот, вклучувајќи засилувања од соседните земји. Како што е најавено, за време на настанот, воздушниот простор над Минхен ќе биде затворен за сите летала, вклучувајќи и дроновите.