Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, ја отфрли идејата за создавање „ѕид од дронови“ за заштита на земјите од Источна Европа од руските воздушни напади, велејќи дека тоа во моментов не е врвен приоритет.
-Многу ја ценам идејата за ѕид од дронови, но треба да обрнеме внимание на прилагодувањето на нашите очекувања. Тоа не е концепт што може да се реализира во следните три или четири години. Мора да размислуваме и да дејствуваме според приоритетите, а мислам дека има и други. Потребни ни се поголеми можности и поголеми капацитети, рече Писториус за време на своето обраќање на Варшавскиот безбедносен форум, пренесува бриселски „Политико“.
Како приоритети, тој ги наведе флексибилните процеси на развој и набавка, за да можат да ја следат брзината со која се развива технологијата.
-Одбрана од дронови – да, но не со ѕид од дронови, рече тој.
Претходно, во својот говор, еврокомесарот за одбрана, Андријс Кубилијус, рече дека засега капацитетите на ЕУ за откривање на непријателски дронови се доста ограничени.
Според него, земјите од ЕУ имаат добри капацитети за откривање и одбрана од авиони и „можеби ракети“, но не и од дронови, особено ако летаат на многу ниски височини.