Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека новата американска помош за Украина нема да промени ништо на бојното поле.
– Тоа на никаков начин нема да влијае на развојот на ситуацијата на фронтот, што е многу неповолно за украинската страна, посочи Песков.
Неговата изјава уследи откако претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон најави дека на 20 април ќе се одржи долгоочекуваното гласање за помош на Украина, Израел и Индо-Пацификот.
Гласањето е по повеќе од два месеци откако пакетот беше одобрен во Сенатот.
Надлежниот комитет претстави закон што ќе обезбеди 60,84 милијарди долари за Украина и регионалните партнери, од кои 23,2 милијарди долари ќе бидат искористени за обнова на резервите американско оружје и објектите.
Поддршката за Израел изнесува вкупно 26,38 милијарди долари, вклучително и средства за покривање на трошоците за американските воени операции како одговор на неодамнешните напади.
Средствата наменети за Индо-пацификот изнесуваат 8,12 милијарди долари.