Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ изрази жалење поради смртта на руски опозициски лидер Алексеј Навални во затвор во Русија, барајќи властите да спроведат итна и темелна истрага.
– Длабоко сум вознемирена и огорчена од веста за ненадејната смрт на истакнатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални во руски затвор. Руските власти мора да спроведат итна и темелна истрага и да ги наодите да и ги објават на јавноста во согласност со нивните меѓународни обврски, наведе Пејчиновиќ Буриќ во реакцијата.
Според неа, трагичната судбина на Навални не може да се разгледува одвоено од непочитувањето на човековите права со кое тој се соочи, вклучително и обидот за атентатот врз него пред три години, серијата политички мотивирани кривични случаи, како и неговото неправедно затворање и држење во нехумани и понижувачки услови.
– За жал, претходните повици на Советот на Европа за негово ослободување врз основа на одлуките на Европскиот суд за човекови права, кои Русија има обврска да ги спроведе, беа занемарени, посочи генералната секретарка на Советот на Европа.
Таа нагласува дека со одлуката да се врати во Русија пред три години, Навални храбро им пркосел на рускиот „неслободен и нефер систем заснован на репресии и на постојано и брутално замолчување на противниците“.
– Неговата жртва не е само јасен потсетник на целосното непочитување на човековите права на сопствените граѓани од страна на Русија, туку е и сведоштво за високата цена на залагањето за вредностите на човековите права, демократијата и владеењето на правото, наведува Пејчиновиќ Буриќ изразувајќи искрено сочувство и солидарност до неговото семејство и колеги во име на Советот на Европа.