Чешкиот претседател, Петр Павел, денеска, на четвртата годишнина од рускиот напад врз Украина, изјави дека не изгледа дека војната ќе заврши наскоро и рече дека е поважно да се договори добар мир, отколку брз и лош.
„Најдобро би било војната воопшто да не започнеше. А ако веќе се случи, нека заврши што е можно поскоро. Можеме да видиме дека нема решение во блиска иднина. Претпоставувам дека одреден напредок ќе биде можен во текот на оваа година, но дали тоа ќе значи крај на војната може да одлучи еден човек – Владимир Путин“, рече Павел во интервју за чешкиот онлајн весник Novinky.cz.
Чешкиот претседател предупреди дека од секој самит или состанок доаѓаат вести дека е постигнат значителен напредок, но дека тоа не се гледа во пракса, додека единствениот напредок, според него, е тоа што позициите на САД, Европа и Украина се приближиле.
„Русија инсистира на максимални барања, без разлика дали станува збор за територијата или статусот на Украина, евентуално нуклеарната централа во Запорожје. Таму нема напредок“, рече Павел.
Чешкиот претседател истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп се грижи за брзи резултати, или поради летниот самит на НАТО или поради изборите во САД оваа година.
„Многумина од нас во Европа се согласуваат дека е подобро да се преговара за добар мир отколку за лош и брз“, рече Павел и додаде дека можеби најпрагматичното и најбрзо решение е да се исполни барањето Русија да го добие целиот Донбас, со што ќе ги вклучи и оние области што не е во можност да ги освои, но тоа потоа носи огромни проблеми.
„Клучниот е директно даден во Уставот. Украинците не можат сами да ја предадат својата територија, туку за тоа ќе мора да му дадат мандат на претседателот. Во делот од Донбас контролиран од Украина, изградена е најсилната одбранбена линија. Ако го напуштат без борба, ќе го остават последниот бедем против Русија. Ако Русија подоцна не го почитува договорот, тогаш Украина нема да има никаква одбранбена линија“, рече чешкиот претседател.
Павел го критикуваше притисокот од САД врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да го предаде делот од Донбас што Русија не успеа да го освои за четири години, и дека тоа врши притисок главно врз жртвата, а не врз агресорот.
„Тоа е и емотивен проблем за Украинците, бидејќи тие крвареа и умираа за секој километар од нивната земја. За нив, во овој момент, е неприфатливо да се предаде следниот голем дел од територијата без борба. Мислам дека би било реално да се запрат борбите на сегашната линија на фронтот, а потоа да се преговара за статусот на окупираната земја“, рече Павел. (МИА)