Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека едно од клучните прашања што ќе се решаваат на претстојните парламентарни избори во земјата е дали Унгарија ќе „се поклони пред Брисел“ и ќе стане имигрантска држава, или ќе продолжи да им се спротивставува на, како што рече, обидите на Европската Унија да наметне миграција.
– Предлагам да продолжиме со бунтот, изјави Орбан, говорејќи на 31. конгрес на владејачката партија ФИДЕС.
Тој најави дека владејачката коалиција ФИДЕС – Христијанско-демократска народна партија (КДНП) на парламентарните избори во 2026 година ќе настапи со 65 искусни и 41 нов кандидат. Конгресот, како што рече, ќе биде посветен на претставување на кандидатите, а листата на КДНП и носителот на кандидатската листа ќе бидат објавени до 20 февруари.
– По 20 години како премиер, подготвен сум за оваа задача повеќе од кога било, рече Орбан.
Тој потсети дека ФИДЕС четири пати по ред освоил двотретинско мнозинство, како и дека победил „на сите локални избори и на сите избори за Европскиот парламент од влезот на Унгарија во ЕУ“.
Орбан изјави дека за претстојните избори е формиран „силен тим од 106 внимателно избрани, висококвалитетни кандидати“, додавајќи дека од тој тим може „да се состават не една, туку две целосни влади уште утре“.
За разлика од опозициските кандидати, кандидатите на КДНП, според него, „имаат силен глас и се елоквентни“.
– Не се криеме и не се прикрадуваме – гордо застануваме пред унгарскиот народ и го молиме за уште еден четиригодишен мандат. Не гледаме никого од високо и не забораваме никого – секој ни е важен, истакна Орбан.
Тој предупреди дека евентуална влада на опозициската Демократска коалиција и Партијата за почит и слобода, доколку застане на страната на Брисел и „влезе во војна“ и „ја реорганизира економијата“, ќе има сериозни последици, особено за младите.
Орбан го повика градоначалникот на Будимпешта, Гергеј Карачон, „да престане да покажува кон владата и да почне да покажува кон Брисел“, тврдејќи дека ЕУ ќе земе најмногу средства токму од жителите на главниот град, каде што, како што рече, се концентрирани најмногу пари.
Унгарскиот премиер изјави и дека миграцискиот пакт на Европската Унија ја обврзува Унгарија да изгради бегалски кампови со капацитет за десетици илјади мигранти и веднаш да прифати стотици мигранти од западните земји што им дозволиле влез.