Активностите на израелските доселеници на окупираниот Западен Брег значително се проширени, соопшти канцеларијата за човекови права на ОН во извештај, изразувајќи загриженост за масовно раселување на Палестинците, јави ДПА.
Во извештајот се наведува на активностите на доселениците кои укажуваат на координирани акции и на израелската политика што би можела да доведе до масовно раселување, „кревајќи загриженост за етничко чистење“. Во извештајот се додава дека незаконскиот трансфер на заштитени лица претставува воено злосторство.
Канцеларијата на ОН во последните 12 месеци документираше 1.732 инциденти на насилство од страна на доселениците, во споредба со 1.400 во претходниот 12-месечен период. Извештајот ги опфаќа случувањата до октомври и не вклучува понови податоци, потсетува ДПА.
Палестинските жители се соочуваат со постојано вознемирување и заплашување, при што домовите и обработливото земјиште им се уништуваат, изјави Аџит Сунгеј, раководител на канцеларијата за човекови права на ОН за палестинските територии.
„Насилството на доселениците продолжи на координиран, стратешки и во голема мера неоспорен начин, при што израелските власти играа централна улога во насочувањето, учеството или овозможувањето на ова однесување“, се наведува во извештајот, пренесен од германската агенција, а во кој се додава дека многу доселеници биле вооружени и обучени со државна поддршка.
Според извештајот, израелските власти одобрија и изградба на речиси 37.000 станбени единици во окупираниот Источен Ерусалим и уште 27.200 во остатокот од Западниот Брег.