Огранок на Ал Каеда во регионот Сахел во Западна Африка соопшти дека во Нигер зел за заложници двајца руски државјани.
Огранокот на Ал Каеда, Џамаа Нусрат ул-Ислам ве ал-Муслимин (ЈНИМ), вчера објави видео снимка во која двајца мажи наведуваат дека биле заробени додека работеле за руска компанија во југозападен Нигер, пренесуваат британските медиуми.
Двајцата мажи на снимката зборуваат англиски со руски акцент и наведуваат дека се Руси и дека биле земени како заложници во областа Мбанга, околу 60 километри западно од главниот град на Нигер, Ниамеј.
Засега не е побаран откуп за руските работници.
Неименуван безбедносен извор во Нигер изјави за Ројтерс дека двајцата Руси биле снимени пред околу една недела.
Исламистичките милитанти, кои се поврзани со Ал Каеда и Исламската држава (ИД), се активни во областа Мбанга.
Од минатата година власта во Нигер ја презеде воена хунта која изведе државен удар.