Одговорот на Хамас на предложениот договор за прекин на огнот во Газа „отвора широк пат“ за постигнување договор, рече Изат ал Ришк, член на политичката канцеларија на Хамас.
Одговорот на движењето е „одговорен, сериозен и позитивен“, додаде Ал Ришк.
„Хамас ја прифаќа резолуцијата на СБ на ОН за прекин на огнот и е подготвен да преговара за деталите“, изјави во вторникот функционерот на групата Сами Абу Зухри, нагласувајќи дека на Вашингтон е да го принуди Израел да се придржува до нејзиното спроведување.
„Хамас ја прифаќа резолуцијата за прекин на огнот, повлекувањето на израелските сили и размената на заложници за палестинските затвореници во Израел. Американската влада се соочува со вистински тест за исполнување на своите обврски поврзани со создавање притисок врз окупаторот веднаш да ја прекине војната преку спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, додаде тој.
Во понеделникот Советот за безбедност го поддржа планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа. За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, додека Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.
Резолуцијата го поддржува планот претставен од претседателот Бајден, што предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.
Амбициозниот предлог на Бајден повикува на целосен и неодреден прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени.
Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.