Мнозинството претставници на блискоисточните земји во Одборот за мир денеска истакнаа поддршка за решението со две држави како основа за траен мир меѓу Израел и палестинските територии, додека израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, во своето обраќање не го спомена тој модел, туку ја нагласи потребата од разоружување на Хамас и демилитаризација на Газа.
Сар го посвети поголемиот дел од своето излагање на потсетување на терористичкиот напад од 7 октомври 2023 година и насилството што Израел го претрпе тогаш, барајќи разоружување на Хамас и Палестинскиот исламски џихад, демилитаризација на Појасот Газа и, како што наведе, „дерадикализација на палестинското општество“.
– Жителите на Газа со децении живеат под терористички режим. Народот на Газа мора да биде ослободен од тие терористи – рече Сар.
Министерот за надворешни работи на Мароко, Насер Бурита, изјави дека се надева оти „стабилизацијата“ на Газа би можела да доведе до договор заснован на решение со две држави.
Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, порача дека неговата земја и понатаму е „уверена дека темелот на мирот е решение со две држави“, додека претставникот на Саудиска Арабија изрази надеж за мир кој би довел до тоа Израел и Палестинците да живеат едни покрај други како две држави.
Премиерот на Египет, Мустафа Мадбули, повика на поддршка од САД за решението со две држави, со забелешка дека неговата земја го цени противењето на американскиот претседател Доналд Трамп на формалната израелска анексија на Западниот Брег.
Министерот за надворешни работи на Кувајт, Џарах Џабер ел Сабах, обраќајќи се на арапски јазик, ја спомена рамката што предвидува две држави со „Источен Ерусалим како главен град на Палестина“.