Свет

Обилни снежни врнежи го парализираа воздушниот сообраќај во Северна Европа

Обилни снежни врнежи го парализираа воздушниот сообраќај во Северна Европа

Обилните снежни врнежи денеска предизвикаа големи проблеми во сообраќајот во Велика Британија, а многу летови беа откажани и во Германија и Холандија.

На аеродромите во Мадрид и Барселона, исто така, имаше доцнења на летови, од кои некои доцнеа и по 3,5 часа.

Неколку германски аеродроми денеска одложија летови поради снежни врнежи и замрзнат дожд. Во Франкфурт, најголемиот германски аеродром, беа откажани 120 полетувања и слетувања од планираните 1090 за денеска. Лошата видливост дополнително го отежнува воздушниот сообраќај.

Во Минхен синоќа, од претпазливост, беа откажани 35 летови од вкупно 750 планирани.

Во Англија и Велс, во текот на ноќта меѓу сабота и недела, паднаа неколку сантиметри снег, а во западен Јоркшир (северна Англија) утрово снежната покривка изнесуваше 12 сантиметри. Во некои региони над 300 метри надморска височина беа измерени и до 40 сантиметри снег.

Аеродромот Манчестер утрово повторно ги отвори своите писти, но доцнењата продолжуваат поради одмрзнување на авионите и чистење на пистите. Слична ситуација е и во Ливерпул.

Во аеродромот Схипхол во Амстердам, беа откажани 68 летови, а повеќе од 200 беа одложени.

Во Норвешка се предвидуваат обилни снежни врнежи на југоистокот, додека во Шведска е издаден портокалов и жолт аларм поради студеното време, а возовите на северот на земјата беа откажани.

To top