Свет ЕКОФИН

Неформален Совет за економски и финансиски прашања на ЕУ во Варшава

Состанокот на европските министри за економија и финансии ќе продолжи утре со расправа за финансирањето за безбедноста и одбраната на Европа.

Неформален Совет за економски и финансиски прашања на ЕУ во Варшава

Зголемувањето на можностите на ЕУ за инвестирање и финансирање на одбраната и безбедноста на Европа, состојбата на финансиските пазари и актуелната геополитичка ситуација ќе бидат главни теми на дводневниот неформален состанок на министрите задолжени за економија и финансии на земјите членки на Унијата, што почнува денеска во Музејот на полската армија во Варшава.

Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ (ЕКОФИН) ќе започне со заседание на Еврогрупата, која ја сочинуваат министри за финансии на земјите членки на Еврозоната.

Состанокот, со кој ќе претседава полскиот министер за финансии Анджеј Домањски, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, ќе продолжи со работен ручек на министрите за економија и финансии на кој ќе се разговара за макроекономски последици од трговските царини врз ЕУ.

Во попладневниот дел од заседанието на ЕКОФИН на министрите ќе им се приклучат и гувернерите на централните банки на ЕУ на дебата посветена на конкурентноста на европските финансиски пазари и нивната улога во поддршката на инвестициите во актуелното несигурно опкружување.

Состанокот на европските министри за економија и финансии ќе продолжи утре со расправа за финансирањето за безбедноста и одбраната на Европа.

Неформалните заседанија на советите на ЕУ се состаноци на соодветните ресорни министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се расправа и се разменуваат мислења за одредени прашања.

To top