Американската Национална воздушно-вселенска администрација (НАСА) објави дека ја завршила почетната фаза на дизајнирање на нуклеарен реактор наречен „Проект за површинска моќност на фисијата“ (Fission Surface Power Project). Се работи за стабилен извор на енергија развој за потребите на идните населби и мисии на Месечината.
Истражувањето за површинската фисија има потенцијал да овозможи одржливи операции не само на нашиот природен сателит, туку и на Марс. Во 2022 година, Aгенцијата додели три договора во вредност од пет милиони долари на своите партнери за развој на концепти за мали реактори за нуклеарна фисија коишто ќе се користат на Месечината.
-Потребна е демонстрација на извор на нуклеарна енергија на Месечината за да се покаже дека тоа е безбедна, чиста и сигурна опција. Месечевата ноќ е предизвик од техничка природа, така што ваков нуклеарен реактор како извор на енергија, којшто работи независно од Сонцето, е опција за долгорочни истражувања и научни напори околу Месечината, изјави претставникот на НАСА, Труди Кортез.
Вселенската агенција посочи и дека идејниот проект мора да вклучува системи за претворање на енергијата во реакторот, механизми за отфрлање топлина и системи за управување со енергија и нејзин пренос.
НАСА е отворена за идеи и ја поддржува иновативноста на своите комерцијални партнери, поттикнувајќи ги да размислуваат „надвор од кутијата“, т.е. вон вообичаените рамки.
Меѓу стандардните спецификации на моделот за реакторот е тежина под шест тони и способност за производство на 40 киловати електрична енергија. Толку струја ќе биде доволна за напојување на месечевите живеалишта, роверите, резервните мрежи и истражувачките лаборратории. За споредба, 40 кВ енергија се доволни за напојување 33 домаќинства во САД. Целта е и реакторот да може да работи самостојно 10 години без човечка интервенција.
-Добиваме многу информации од тројцата партнери. Ќе одвоиме време да ги анализираме и да одредиме што има смисла за втората фаза. Ќе го искористиме најдоброто од првата фаза за да ги поставиме барањата за дизајн на системот, рече Калдон.
Процесот на дизајнирање, исто така, вклучува безбедносни прашања, особено во однос на зрачењето и заштитата. Нуклеарниот реактор се издвојува како извор на енергија бидејќи технологијата може да се инсталира и во области кои подолго време се во сенка. Месечевата ноќ е технички предизвик бидејќи трае по 14 земјини денови, така што создавањето енергија независна од Сонцето е клучно за истражувањата и научните напори на Месечината.
Нуклеарниот систем, на тој начин, би можел да работи континуирано во текот на тие сурови месечеви ноќи. По завршувањето на втората фаза во 2025 година, лансирањето на реакторот се очекува за следното десетлетие.